Почнува проектот „Бесплатен туристички викенд за пензионерите“

13.01.2015 13:50

Приоритет ќе имаат пензионерите со пониски пензии, со подолг пензионерски стаж, што работеле во рудници, корисниците на инвалидска пензија, со над 80 насто инвалидност, што користат нега од трето лице, додаток за мобилност и додаток за слепило...

Три илјади пензионери ќе можат да го користат бесплатниот туристички викенд. Од 15-ти јануари до 16-ти наредниот месец може да поднесат барање до подрачните единици на Пензискиот фонд каде што живеат. Приоритет ќе имаат пензионерите со пониски пензии, со подолг пензионерски стаж, што работеле во рудници, корисниците на инвалидска пензија, со над 80 насто инвалидност, што користат нега од трето лице, додаток за мобилност и додаток за слепило. Ќе имаат два полни хотелски пансиони.   

„Вклучува услуга која моќе да се користи еднаш во периодот од април до ноември 2015-та, во траење од 3 дена и опфаќа 2 полни пансиони, пристигнување во петок попладне, заминување недела поладне и бесплатен превоз до хотелот“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Позитивен ефект од пет годишниот проект за климатско-бањска рекреација за пензионерите со што се развиваат бањските капацитети. За пензионерите е добредојден проектот, со кој како што велат, добиваат респект, активно и здраво живеење.  

„Анализа е направена дека тоа многу придонесе бањите да заживеат и да продолжи нивниот век, верувам дека и ова сега што се предлага дека пензионерите ќе бидат многу задоволни , заслужуваат една поголема грижа за нив и активно и здраво живеење“, смета Драги Аргировски, претседател на Сојуз на здруженија на пензионери.

Ќе бидат опфатени сите пензионери  и лица со инвалидност, освен оние кои лани биле на Бањско-климатска рекреација. За реализација на проектот се обезбедени 10 милиони 760 илјади денари.

Услугите и престојот во хотел ќе ги организира туристичка агенција која ќе даде најповилна понуда, а ќе биде избрана со електронско наддавање. Најниско понудената цена услов за учествува во спроведувањето на проектот „Беслатен туристички викенд за пензионери“. 

 

Наташа Гркова-Петрушевска