Француски државјанин уапсен во Бугарија поради поврзаност со браќата Куаши

13.01.2015 14:10

Против него се издадени два европски налози за апсење. Еден за тероризам и друг за киднапирање на неговиот 3 годишен син, кој требало да биде прокриумчарен во Сирија и преобратен во Ислам за да води џихад...

29- годишниот Фриц Џоли Џоакин, француски државјанин, е уапсен во Бугарија под сомнение дека контактирал со еден од двајцата браќа Куаши кои масакрираа 12-мина во сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“. Против него се издадени два европски налози за апсење. Еден за тероризам и друг за киднапирање на неговиот 3 годишен син, кој требало да биде прокриумчарен во Сирија и преобратен во Ислам за да води џихад.

„Новиот налог пристигна вчера во канцеларијата на врховното обвинителство. Денеска ни е испратен нам и ние го приведовме. Тероризмот за кој зборуваме има два криминалитета за кој максималната затворска канзна е 10 години“, изјави Дарина Славова, Регионална канцеларија на обвинителство во Хасково.

Претходно во Турција, на пат за Сирија, беше забележана Ајат Бумедиен, соучесничка на Амеди Кулибали, кој уби 4-ца во париска продавница.

„Шарли Ебдо“ ја објави насловната страница на утрешното издание - пророкот Мухамед, со солза во очите, како држи знак „Јас сум Шарли“, а над цртежот има наслов „се е простено“.

„Ќе продолжиме и ќе ги објавиме необјавените цртежи од загинатите. Ќе биде како да се со нас, тоа ќе ни помогне“, изјави Патрик Пелу, член на редакцијата.

Во Париз и во Ерусалим се одржуваат церемонии во чест на загинатите.

 

Бојана Крстевски