Две до три милијарди евра за инвестиции во енергетиката до 2035-та

13.01.2015 16:16

До 2035-та ќе опадне потрошувачката на енергија по единица БДП, а наместо струја ќе трошиме далеку повеќе гас. Енергетската фела ја разгледа првичната Стратегија на МАНУ за развој на овој сектор во следните 20 години...

За сите инвестиции во енергетскиот сектор во земјава до 2035-та ќе бидат потребни меѓу 2 и 3 милијарди евра. Стратегијата на МАНУ предвидува опаѓање на учеството на струјата во вкупната потрошувачка, а ќе порасне користењето природен гас.

„Електричната енергија од сегашните 32% учество во вкупната потрошувачка ќе опадне на 24%, додека природниот гас од 1% учество ќе порасне на 16% во 2035-та“, изјви академик Глигор Каневче, МАНУ.

Термоцентрала на јаглен со моќност од 300 мегавати ќе се гради по 2031-ва, а се размислува и за увоз на јаглен за постојните. Стратегијата предвидува во следните 20 години цената на струјата, од сегашните 43 да порасне на 90 евра за мегават час, што за експертите е неприфатливо.

„Единствено прашање е дали нивото од 90 евра е некое реално ниво“, вели претседателот на Македонска енергетска асоцијација, Кочо Анѓушев.

Потрошувачката на гас бавно ќе расте, предвидува МАНУ, додека еснафот бара негово  поинтензивно трошење.

„За разлика од претходната стратегија, оваа го нема развојниот елемент, што  природниот гас може да го внесе“, изјави Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси.

Ќе се градат хидроцентрали на Вардар и на Црна, како и повеќе фотоволтаици и ветерници кои од 2026-та нема да користат повластени тарифи.

 

Свето Николовски