Економска дипломатија

Македонија- порта кон Европа за индиските компании

13.01.2015 16:30

Економска дипломатија во Индија. По Ченаи, инвестициските можности и поволностите за правење бизнис во Македонија претставени во Калкута и Џајпур. Повеќе индиски компани ја скенираат земјава. Сакаат да ја користат како порта за влез на европскиот пазар...

Ниски даноци, квалитетна работна сила, добра бизнис – клима, едноставен пристап на европскиот пазар. Инвестициската лична карта на Македонија претставена пред повеќе индиски компании од Калкута и Џајпур. Со дел од нив реализирани директни средбата. Првата има план да го прошири својот бизнис за производство на трактори и комбајни, втората оперира со болници и со спа – центри.

„Со нив разговараме да отворат болница во Македонија, во слободните здравствени зони, а тие се заинтересирани и за спа – туризам. Имавме средби со различни компании, со претседатели на бордовите на компаниите. Се работи за големи компании, меѓу најголемите во Индија и во светот. Целта е да убедиме дел од нив да инвестираат во Македонија и да отворат нови работни места“, изјави премиерот Никола Груевски.

Индиските бизнисмени со оценка – „од она што го слушнавме за Македонија можеме да заклучиме дека во земјата има одлични услови за правење бизнис“.

„Мислам дека македонската владата има создадено феноменална инфраструктура, од ниските даноци па сè до слободните економски зони. Затоа сметам дека ќе успеете да привлечете капитал. Јас водам компанија која е инвестициски ориентирана, Македонија е земја во развој, економијата расте брзо, има потреба од разли компании и затоа мислам дека е направена одлична работа за компаниите“,   изјави Чакири Локаприја, бизнисмен.

„Македонија е стабилна и напредна земја, ориентирана кон привлекување нови инвестиции. Мислам дека овие средби се добар начин за привлекување инвестиции. Инфраструктурата во земјата е добра, а Македонија може да биде порта кон Европа и кон земјите од ЦЕФТА. Ние имаме план да го прошириме производството во овој регион, а Македонија е во нашите планови“, смета Малика Сирнвасан, бизнисменка.

Дел од индиските компании најавуваат посети на земјава и теренско скенирање пред носењето на финалната одлука.

„Ние сакаме да инвестираме во производствени капацитети во регионот. Сметаме дека преку Македонија можеме да се прошириме на другите европски пазари. Македонија има добра локација, имате добри договори за соработка со ЕУ и ЦЕФТА и затоа ние многу сериозно ја разгледуваме оваа локација“, изјави Камал Ахуја, бизнисмен.

Претходно, инвестициските можности беа претставени и во Ченаи, водечки трговски и индустриски центар во Јужна Индија, а македонската делегација беше дел и од престижниот глобален бизнис самит „Гуџарат“, на кој според проценките присуствувале 7.000 политичари и бизнисмени од целиот свет.

 

Мартин Пушевски