Вевчанските василичари ги покажаа маските

13.01.2015 17:16

Се одржа традиционалниот карневал како најостра сатира кон актуелностите. Привилегијата за најмногу маски ја имаа неколку големи компании. Манифестацијата е стара 1.400 години...

Архаичност, саркастичност, солзи, смеа, хумор и сатира. Тоа е сликата на денешниот Вевчански карневал. Ова што го прави уникатен овој карневал, е тоа што маските се чуваат во тајност се до последен момент.

Како и што се очекуваше на Вевчанскиот карневал, ЕВН беше застапена во најголем дел од маските на василичарите. Покрај ЕВН, во дефилето продефилираа маски на баба Рада, Гез Пром-Јужен поток, Македонија пат како и други случување кое го одбележуваат секојдневното живеење на македонскиот народ. Не беше заобиколена ниту маската со последната светска вест на новинарската куќа „Шарли ебдо“.

Повеќе десетици илјади посетители присуствуваа на главното дефиле во Вевчани. За странските посетители ова беше вистинско доживување.

„Неколку пати сум ја посетил Македонија но прв пат сум на Вевчанскиот карневал, слушнав за него на телевизија но имам читано и на интернет“, рече посетителот од Јапонија.

„Ние сме од Колорадо и прв пат сме тука на овој карневал. Кај нас многумина имаат слушнато за Вевчанскиот карневал и решивме оваа година да видиме за што станува збор“, велат посетителките од Колорадо, САД.

Карневалот го отворија Министерката за култура и градоначалникот на Вевчани каде беше пуштена во употреба продавницата за сувенири која е една од вкупно дваесетте во нашата држава а посетителите во Вевчани ќе имаат одлична можност да купат културно-туристички промотивен материјал што ќе го понесат со себе како автентичен сувенир од ова место.

И првиот човек на општината изјави на шала дека оваа вечер ќе има маска.

„Јас рачунам дека вечерва ќе бидам направен василичар за висок напон“, изјави првиот човек на општина Вевчани, Цветомир Угриноски.

Вевчанскиот карневал е најстариот карневал во нашата земја со традиција од преку 1.400 години која во последниве 30-тина години се прати со поголемо внимание од медиумите како и пошироката јавност.

 

Јованчо Наумоски