Можностите за бизнис во Македонија претставени пред моќни индиски компании
Индиски бизнисмени со оценка – од она што го слушнавме за Македонија можеме да заклучиме дека во земјата има одлични услови за правење бизнис...

Ниски даноци, квалитетна работна сила, добра бизнис – клима, едноставен пристап до европскиот пазар. Инвестициската лична карта на Македонија претставена пред повеќе моќни индиски компании. На директни средби разгледани можностите да вложат во земјава. Една од нив, ТАФЕ груп, планира да ги прошири капацитетите за производство на трактори и на комбајни. Македонија е во нивните планови, открива директорката која се вбројува меѓу 100-те најбогати на светот.
„Македонија може да биде порта кон Европа и кон земјите од ЦЕФТА. Ние имаме план да го прошириме производството во овој регион, а Македонија е во нашите планови“, изјави Малика Сирнвасан, бизнисменка од ТАФЕ груп.
На средба со менаџментот на „Аполо“, која оперира со болници и е влезена во бизнисот со спа – центри, разговарано е да се лоцираат со слободните здравствени зони.
„Со нив разговараме да отворат болница во Македонија, во слободните здравствени зони, а тие се заинтересирани и за спа – туризам. Имавме средби со различни компании, со претседатели на бордовите на компаниите. Се работи за големи компании, меѓу најголемите во Индија и во светот. Целта е да убедиме дел од нив да инвестираат во Македонија и да отворат нови работни места“, изјави Никола Груевски, претседател на Владата на Македонија.
„Македонија нуди одлични можности. Има добра локација, Владата размислува за иднината и ние се радуваме што ќе соработуваме. Ние се согласиме да обучуваме доктори од Македонија“, изјави Ана Мари Монкури, директор на болницата „Аполо“.
Индиски бизнисмени со оценка – од она што го слушнавме за Македонија можеме да заклучиме дека во земјата има одлични услови за правење бизнис.
„Мислам дека македонската владата има создадено феноменална инфраструктура, од ниските даноци па сè до слободните економски зони. Затоа сметам дека ќе успеете да привлечете капитал“, изјави Чакри Локаприја, сопственик на инвестициски фонд.
Дел од индиските компании најавуваат посети на земјава и теренско скенирање пред носењето на финалната одлука.
„Македонија има добра локација, имате добри договори за соработка со ЕУ и ЦЕФТА и затоа ние многу сериозно ја разгледуваме оваа локација“, изјави Камал Ахуја, бизнисмен.
Ченај е водечки трговски и индустриски центар во Јужна Индија. Претходно, македонската делегација беше дел и од престижниот глобален бизнис самит Гуџарат, на кој според проценките присуствувале 7.000 политичари и бизнисмени од целиот свет.
Мартин Пушевски
