Попоски: Хан ќе се ангажира за отстранување на грчката блокада
14.01.2015 10:04
Новиот еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан со сигурност ќе се обиде да го поттикне интересот кај Грција за отстранување на формалната блокада, вели министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за МИА...

Европската комисија нема никаков интерес да продолжи со давање препораки за почеток на преговорите за Македонија во очекување Грција во еден момент да го тргне ветото во Советот на ЕУ. Новиот еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан со сигурност ќе се обиде да го поттикне интересот кај Грција за отстранување на формалната блокада, вели министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за МИА, запрашан за очекувањата од ангажманот на новиот еврокомесар за добрососедски односи и преговори за проширување Јоханес Хан кој се очекува месецов да ја посети Маједонија.
Тој појаснува дека, она што го има изјавено комесарот Хан соодветствува со тоа што ние го имаме констатирано неколку години наназад-дека наметнатата блокада од Грција за формално неотпочнување на преговорите и воедно нерешавање, односно немање никаков фокус на надминување на наметнатиот спор за името, не дава никаков резултат.
Оваа Комисија тоа го има како стартна позиција, наследена, и веројатно покрај тоа што ќе се обиде да го искористи Пристапниот дијалог на високо ниво како формат за де факто водење на преговори, со сигурност ќе се обиде и да го поттикне интересот кај Грција за отстранување на формалната блокада, која ни е наметната. Нема никаков интерес Европската комисија да продолжи со давање на препораки и чекање на тоа дека Грција во еден момент ќе го тргне ветото кое го има поставено во Советот. Мислам дека климата која се создаде и поддршката од повеќе земји-членки на ЕУ оди во насока на тоа да му се овозможи на комесарот Хан да води ефективен дијалог со Македонија, кој ќе не приближува до членството, а воедно да создаде клима во која и Грција ќе има помалку причини да бара само изговори зошто да остане да не блокира. Формулата мора да ја променат на еден или на друг начин, за нас клучно ќе биде да се водат преговори за приклучување кон ЕУ и тоа ќе се одвива во текот на 2015 година, вели Попоски.
Според него, за нас не е битно тоа што поаѓајки од принципот на солидарност секогаш ќе има определен број земји-членки кои ќе се постават на страна на тоа дека не треба Грција да се остави сама да биде таа која не блокира. Битно е, вели, да се надмине сегашната ситуација во која ниту има напредок во однос на наметнатиот спор, ниту има напредок со отстранување на блокадата, која ни е наметната на Советот, за што вели, три причини се клучни.
