Во продажба новиот број на „Шарли Ебдо“
За разлика од 60-те илјади колку што излегуваа порано, денеска специјалното издание на весникот е испечатено во 3 милиони примероци и се продава во 25 земји на 16 различни јазици...

Седум дена по трагедијата во Франција, најновото издание на францускиот весник „Шарли Ебдо“ од денеска е во продажба. Сатиричниот неделник на насловната страна повторно го има пророкот Мухамед, со солза во очите, како држи знак „Јас сум Шарли“, а над цртежот има наслов „Се е простено“.
Новиот број го подготвија преживеаните членови. За разлика од 60-те илјади колку што излегуваа порано, денеска специјалното издание на весникот е испечатено во 3 милиони примероци и се продава во 25 земји на 16 различни јазици.
„Она што изненадува е што вообичаено имаме барања за испорака на 800 примероци овде во Франција околу Париз. Денеска се 6 илјади. Тоа е исклучително добро како публикациите на Ле Монд или Фигаро“, изјави Мишел Салион – Компанија за дистрибуција на весници.
Четири страници од „Шарли Ебдо“ денеска ќе бидат објавени и во турскиот опозициски весник „Џумхуриет“.
