Индиски компании најавуваат инвестиции во Македонија

14.01.2015 12:55

Продолжува економската дипломатија на владиниот економски тим во Индија. По Ченаи и Џајпур, инвестициските можности на Македонија беа претставени и во Калкута. Во директни средби индиските компании искажале заинтересираност да инвестираат во земјава, претежно во енергетскиот сектор и во металната индустрија...

Индиски компании најавуваат инвестиции во Македонија. Наредните месеци се клучни за носењето на одлука. Македонија ја гледаат како добра дестинација од кадешто би ги пласирале своите производи и на европскиот пазар. Индиските бизнисмени се убедени дека ќе има многу инвестиции во Македонија од различни делови на светот бидејќи како што велат, земјата нуди одлични можности за бизнис.

„Ние од компанијата сме навистина заинтересирани да инвестираме во Македонија во енергетски капацитети на термални или обновливи извори. Разговараме за изградба на голем енергетски капацитет на термални води во Македонија и наинсталирање на неколку соларни постројки. Владата вложува напори. Амбиентот што  го создава е да им се олесни на луѓето да водат бизнис во Македонија и тоа се многу позитивни потези особено со нискиот даночен режим“, изјави Арвин Гупта, оперативен директор на ОПГ Групацијата.

„Заинтересирани сме за изградба на електрана на термални води или на гас во Македонија, за тоа зборувавме со Владата. Ангажманот на премиерот и неговиот личен интерес во привлекување инвестиции во Македонија беа многу забележителни и ова се покажа преку искреноста на целиот владин тим“, вели Нарајан Сами, финансиски директор ОПГ Групацијата.

Добрата инфраструктура,слободните индустриски зони,ниските даноци и високите оценки од меѓународните финансиски инвестиции,во Калкута од македонска страна претставени како главен адут за привлекување инвестиции.

„Имавме и средба со крупна компанија која вреди над една милијарда евра, која котира на Лондонската берза и е во бизнисот со производство на електрична енергија од јаглен. Тие имаат интерес за инвестирање во Македонија, сега сме во почетни разговори. Ќе дојдат да направат подлабоки анализи, така што и тоа е една голема можност“, изјави претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

Остварен контакт и со компанија од областа на металната индустрија. Покрај изработката на метални профили имаат и фабрики за изработка на метални производи за кујни.

„Ние сериозно размислуваме да отвориме производствен погон во Македонија и многу сме блиску во преговарањeто за лоцирање на браунфилд инвестицијаa. Во следните неколку месеци ќе ги завршиме преговорите. Со многу активната поддршка и помош од Владата натаму исто така планираме да стартуваме со други погони во Македонија. Имаме петгодишен план за произвoдство на нашите производи“, соопшти извршниот директор на БРГ, Санџај Реј Бандари.

„Со нив разговаравме околу можноста да инвестираат во Македонија, да отоворат капацитет за европскиот пазар, од каде што ќе произведуваат и извезуваат низ цела Европа“, дополни премиерот Груевски.

Груевски во Калкута ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза каде што се наоѓа нејзиното вечното почивалиште. На мисионерите им се заблагодари за тоа што го продолжуваат нејзиното дело, истакнувајќи дека Мајка Тереза е родена во Скопје и оти таа е една од најсилните врски со Индија.

 

Милчо Велески