Претседателот на Италија, Џорџо Наполитано поднесе оставка

14.01.2015 13:10

По девет години на функцијата, претседателот на Италија Џорџо Наполитано поднесе оставка, соопштуваат од неговиот кабинет...

Тој ја потпишал оставката која што ќе му ја врачи на премиерот Матео Ренци и на претседателите на Сенатот и на Претставничкиот дом на италијанскиот парламент, ова се наводите на агенцијата Анса што ги пренесува Танјуг.

Наполитано својата оставка им ја најави на граѓаните при новогодишното обраќање со образложение дека тоа е негова лична одлука поради тешкотиите за исполнување на должноста и обврските на 90 годишна возраст. Неговата оставка е поттикната од грижата за националните интереси на Италија и очекува од политичките структури одговорно да пристапат кон изборот на нов шеф на државата.

Оставката ја поднесува по предавањето на ротирачката улога како претседавач со ЕУ  на Летонија. Тој е првиот реизбран претседател во историјата на Италија.

Според италијанското законодавство, по официјалното објавување на оставката, парламентот треба да одржи седница поради избор на нов претседател во рок од две недели.

 

Соња Стојановска