Од денеска регистрација на македонски интернет страници на кирилица
Министрите за информатичко општество и администрација и за култура, Иво Ивановски и Елизабета Канческа- Милевска, соопштија дека доменот „мкд“ е регистриран во меѓународниот интернет простор...

Од денеска македонскиот јазик може целосно да биде присутен на интернет. Македонија воспостави национален криличен домен во меѓународната интернет мрежа. Влада.мкд е првата страница регистрирана на кирилца. По Русија, Србија, Казахстан и Монголија, нашата земја е петта во светот со ваков домен.
Министрите за информатичко општество и администрација и за култура, Иво Ивановски и Елизабета Канческа- Милевска, соопштија дека доменот „мкд“ е регистриран во меѓународниот интернет простор.
„Направивме огромен чекор во зацврстувањето, зачувувањето и афирмацијата на нашиот јазик и писмо што беше голем стремеж и идеал на нашите претци. Успеавме да извојуваме уште една битка, уште еден успех на меѓународен план, но за тоа беа потребни многу напорна работа, трпение и лобирање од сите субјекти вклучени во процесот“, истана министерот Ивановски.
Според министерката Канческа Милевска, регистрацијата на кириличното „мкд“ е особено битно за младата популација која секојдевно масовно се отуѓува од стандардниот македонски јазик и кириличното писмо.
Воведувањето на доменот „мкд“ спонтано ќе го наметне враќањето на македонскиот збор во секојденвната употреба, но и во севкупното општествено живеење, напомена министерката.
