Возобновена традиција: Страчинарски игри во струмичко Мокриево

14.01.2015 15:06

Заврши Вевчанскиот карневал. Василичарите ги запалија маските и веќе размислуваат за идната манифестација. Во струмичкото село Мокриево, пак, денеска се одржаа традиционалните Страчинарски игри, како архаичен начин на одбележување на Василица...

Повторно оживеа со векови старата традиција во Мокриево. Страчинарите од рано утринава облечени во страшни алишта со рогови на глава, стаповите во рака и ѕвонците на појас ги бркаа лошите духови од селото. Од минатото овој обичај имал хумана мисија. Страчинарите оделе од врата до врата во двете маала во селото собирале суџуци, пчекнкарно брашно, грав и други продукти, потоа заедно ги готвеле.

„После тоа има заедничка дружба за сите учесници. Се прави качамак со суџуци“, вели Живко Спасов, организациски одбор.

Со Страчинарските игри е поврзано и верувањето дека ракијата истурена во ѕвонците им помага на децата кои пелтечат. Затоа секоја година голем е бројот на оние кои веруваат дека тоа е лекот за говорна мана. Постарите жители на Мокриево се задоволни што традицијата живее и денес, гостите пак задоволни од целиот карневал.

Меќу карневалските групи, освен од Македонија има и гости од Петрич, соседна Бугарија.

Страчинарските игри секоја година се одржуваат на 14-ти јануари Василица и со нив почнува новата година во подбеласичкито крај. 

И Струмичани го прославија Свети василиј, поклонувајќи се пред моштите на светецот кои се изложени во Црквата свети Кирил и Методиј. Сурварското утро пак го најавуваат децата кои маскирани одат, од врата до врата.

 

Катерина Давчева