Се интензивира откупот на тутунот
Без проблеми и застој за откупот на тутунот. Доосега во земјава преземени 36 насто од договорените количества. Некои откупувачи веќе исплаќаат, а тутунарите годинава навреме ќе си ги добијат субвенциите...

Се зголемува интензитетот на откупот на тутунот во земјава. Тутунарите го проценуваат родот.
„Според временските услови како што се, сум задоволен од класите и од процената. Ми помина по 160 денари... Добро беше денеска, убав тутун донесов. Ми помина по 175 до 180 денари просек...“, велат тутунарите кои ги анкетиравме.
Инспекцијата на терен. Од договорените преку 24.000 тони досега се откупени 9 илјади со просечна цена од 118 денари. Во прилепско и до 123 денари за килограм.
„Откупот се одвива доста мирно, во рамките на Законот, согласно мерилата се врши процената. Доказ за тоа е дека во овој регион имаме вкупно 40 спорни бали, од нив свторостепената комисија на 35 бали им ја има потврдено процената на самиот откупен пункт, а пет бали се ставени во повисока класа“, вели Румен Стаменов, директор на Земјоделскиот инспекторат.
Нема влага во тутунот. Министерството за земјоделство го евидентира вишокот за да се откупи веднаш по договорените количества. Има пари, а три компании почнале со исплата.
Тутунарите навреме ќе ги добијат годинашниве субвенции. И оние кои немаат платено за наводнување и одводнување. Долговите ќе им се пребијат.
„Владата и Министерството за земјоделство ни го прифати тоа барање. Ќе бидат одземени онолку колку што треба да им бидат исплатени на Јавните претпријатија, а остатокот пари ќе бидат префрлени на сметките на самите тутунопроизводители и сите земјоделци во Македонија“, изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија.
Законските измени во исплатата на субвенциите ја поминаа владината и ја чекаат собраниската процедура.
Елизабета Митреска
