НБРМ: Економијата и натаму закрепнува со солидно темпо
14.01.2015 16:01
Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци, а ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека домашната економија е доволно поддржана...

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ.
Како што се наведува во соопштението, економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци, а ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно е оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика.
Од НБРМ истакнуваат дека излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.
Според Комитетот, најновите макроекономски показатели, не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, објавените податоци за БДП за третиот квартал покажаа нешто посилен раст на економијата во однос на очекувањата. Притоа, секторски гледано, растот е дисперзиран, а гледано од аспект на побарувачката, структурата на растот во ова тримесечје е нешто поповолна во однос на очекуваната, а импулсот од инвестициите е посилен од очекуваниот, за сметка на послабиот ефект од приватната потрошувачка.
