Што ќе донесе пилот- државниот испит?

14.01.2015 16:36

Светските искуства покажуваат дека пробното испитување на знаењето ќе ги покаже сите предности или слабости на системот. Дел од академската фела смета дека легитимно е во образованието да се постават нови повисоки стандарди...

Пилот државен испит ќе значи пробно испитување на знаењето, кое нема да има никакви реперкусии врз студентите и професорите. Светското искуство покажува дека кога една реформа стартува како пилот проект ќе ги покаже сите предности или слабости на системот. Се очекува студентите и професорите да видат како изгледа и се спроведува испитот, а сите засегнати страни да помогнат при конечната формулација на процесот, преку кој ќе се проверува знаењето.

Дел од академската фела смета дека во образованието се потребни нови повисоки стандарди. Универзитетскиот професор Трајко Славески вели дека македонските универзитети, со својата продукција, заостануваат  во однос на европската наука. 

„После повеќе од 20 години независност е оправдано и легитимно да се постават нови стандарди за што побрзо доближување за до она што е просек на светската наука“, смета професорот Славески.

Не е оправдување што ниту еден од македонските универзитети не се нашол на листата 500 рангирани. Славески смета дека треба да се работи повеќе, за образовните институции да станат дел од најдобрите.

„На листата на ОН има близу 200 земји, па да немаме еден универзитет меѓу првите 500 не е за оправдување. Причината е можеби затоа што универзитетите вклучително и оној од кој што јас доаѓам, е тоа што универзитетите не си поставиле цели пред извесен временски период“, додава професорот Славески.

Дополнително ќе се одлучува дали пилот проектот ќе се спроведе на сите високо образовни институции, или пак на оние кои што имаат интерес да бидат опфатени.

Ресорното министерство досега прифати 20-ина предлози за државниот испит. Од образование велат дека остануваат отворени за секоја аргументирана иницијатива и предлог реформа која значи понатамошно унапредување на квалитетот на образованието во земјава.

 

Викторија Тодоровска