Проширувањето не е главна цел на новиот европски претседавач
Македонија и Летонија имаат развиено добри билатерални односи. Сепак, претседателството со унијата малку може да направи во грчко-македонскиот спор...

Проширувањето не е дел од приоритетите на претседателствувањето на Летонија, но ќе биде дел од агендата. Вака утешно премиерката на оваа балтичка држава им се обрати на земјите кандидатки. Конкурентна, дигитална и силна Европа на глобално ниво се трите цели кон кои ќе биде насочен фокусот во следните шест месеци.
„Ќе соработуваме со овие земји и ќе продолжиме со работата за проширување, но секоја од нив ќе биде вреднувана според сработеното. Мораме внимателно да го разгледуваме секој аспект, особено легислативата. Нашата земја е пример! Сетете се колку време и требаше на Латвија да го усогласи законодавството со европското. Проширувањето е на нашата агенда и планираме да работиме со земјите со кои е започнат процесот на асоцијација“, изјави Лаимдота Страујума, премиер на Летонија.
Властите во Скопје и Рига имаат добри билатерални односи. Во август минатата година при посетата на земјава, летонскиот министер за надворешни работи, Ринкевичс, истакна дека неговата земја е силен поддржувач на евро-атланските интеграции на Македонија.
Сепак, претседателството со унијата малку може да направи во билатерален спор, како што е грчко-македонскиот.
Независно кој е претседавач со унијата, евроинтегратовните процеси на земјава и натаму зависат од волјата на Атина.
Катерина Топалова
