Ставрески го тужи Шилегов за клевета

14.01.2015 16:55

Ставрески побара Шилегов или да се извини или да каже кој побарал од него да кажува невистини, но откако опозицискиот портпарол не го стори тоа, адвокатот на Ставрески денеска поднесе тужба...

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески му поднесе тужба на Петре Шилегов за клевета и навреда, затоа што без да има доказ, го клеветел првиот човек на министерството дека потпишал договор со германска фирма за обнова на прилепската канализација.

Ставрески побара Шилегов или да се извини или да каже кој побарал од него да кажува невистини, но откако опозицискиот портпарол не го стори тоа, адвокатот на Ставрески денеска поднесе тужба. Шилегов не се извини, останува на ставот дека тоа што го зборува е вистина.

„Зоран Ставрески е единствен овластен да го застапува Министерството за финансии на Република Македонија пред граѓаните и пред меѓународните институции. Дали потпишал лично тој, или некој потпишал по негово овластување е сосема сеедно во правна смисла на зборот“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Во неделата и во понеделникот Петре Шилегов тврдеше дека Ставрески го потпишал договорот со германската фирма Лудвиг Фајфер за рехабилитација на канализациската мрежа во Прилеп, а за ваквото тврдење не достави докази, велат од Министерството за финансии.

Шилегов и денеска тврдеше дека во куќата на министерот Јанакиески во Прилеп се водат повеќе фирми кои добивале тендери од Владата. Од Министерството за транспорт и врски го повикаа СДСМ ако има докази за наводниот криминал да ги достави до обвинителството и до Антикорупциската комисија.

 

Анита Димитријевска