Македонија доби кириличен домен

14.01.2015 17:32

Од денеска македонскиот јазик може целосно да биде присутен на интернет просторот...

Влада.мкд е првата веб страница регистрирана на кирилично писмо. Македонија воспостави национален криличен домен во меѓународната интернет мрежа. Од денеска македонскиот јазик може целосно да биде присутен на интернет просторот.

„Направивме огромен чекор во зацврстувањето, зачувувањето и афирмацијата на нашиот јазик и писмо што беше голем стремеж и идеал на нашите претци. Успеавме да извојуваме уште една битка, уште еден успех на меѓународен план, но за тоа беа потребни многу напорна работа, трпение и лобирање од сите субјекти вклучени во процесот“, истана министерот за информатичко општество Иво Ивановски.

Според министерката за култура Канчевска Милевска ова ќе значи враќање на македонскиот збор во секојдневната упореба и зацврстување на врската меѓу нашето писмо и јазикот.

„Регистрацијата на доменот битно ќе влијае и врз развојот на овој медиум и неговата цврста интеграција во секојдневниот живот на граѓаните, кои на својот мајчин јазик и писмо ќе им бидат достапни значајни информации и дела од разни области меѓу кои и дела од македонската богата култура“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

Македонија е петата земја во светот, по Русија, Србија, Казахстан и Монголија со кириличен домен.

Со регистрирање интернет адреси на македонски јазик се отвора голем простор за промоција на нашата земја.

Сунчица Николовска