Таксисти со лиценци за поквалитетен превоз
Законот за превоз во патниот сообраќај кој предвидува задолжително познавање на англиски јазик за таксистите наиде на различни реакции и ставови кај граѓаните. Секој таксист до 1-ви јануари 2017 година ќе треба да има познавање на англиски јазик за што ќе добие лиценца...
Со новите измени и дополнувања на законот за превоз во патниот сообраќај се предвидува задолжително познавање основен англиски јазик за таксистите. Целта е да се воспостави поголем ред и удобност во такси-превозот за граѓаните и подобра комуникација со странските туристи. Ваквиот закон наиде на различни реакции и ставови кај такси возачите.
„Има многу патници кои бараат превоз до аеродром, добро е да се знае англискиот, инаку не можеме да се разбереме.“
„Би учел, ако е бесплатен курсот, зошто да не.“
„Помладите нека учат, ние со над 60 години тешко, но во секој случај јазикот да го знаеш си во предност“, велат дел од таксистите од Куманово.
Трошоците за учењето англиски јазик, согласно законот ќе ги покријат Министерството за транспорт и врски и општините. До 1-ви јануари 2017 година секој такси превозник ќе треба да има познавање основен англиски јазик за што ќе добие лиценца, а од 2019 година познавање еден степен повеќе.
Еве што мислат граѓаните:
„Зошто да не англискиот јазик ќе им служи на сите, не само на таксистите.“
„Ми се допаѓа идејата, во 21 век без англиски не може да се разбереш“, велат граѓаните.
Освен задолжителниот англиски јазик измени кои се предвидени со законот за такси превоз се и построгите казни за таксистите кои не стојат на такси станица и земаат патници преку ред. Казните се и по неколку стотици евра, а најстрогaта е одземање на возило.
Габриела Димковиќ
