Велес- лидер во крводарителството
Велес и натаму е лидер според бројот на крводарителските акции и на единиците собрана крв. Хуманоста на граѓаните се покажа и на првата акција за оваа година...

Во редица за крводарување. Ваква беше сликата на првата крводарителска акција во Велес, градот во кој секоја година бројот на собрани крвни единици е поголем од претходниот.
„Сега ќе ми биде петти пат да дарувам крв мотивот е тоа што знам дека со мојата крв ќе помогнам на некој ќе спасам нечии живот.“
„Веќе ми е навика, се научив да живеам дарувајќи крв.“
„Хуманоста е една од најдобрите работи и затоа сакам да дарувам.“
„Да спасиш човечки живот е добро чуство“, велат случајно анкетираните крводарители.
Велес како водечка општина по бројот на крводарувања во државата беше одбран за домаќин на вонредната акција која општинската организација на Црвен крст ја организираше на барање на Институтот за трансфузилогија.
„Минатата година ни е уште една успешна година. Вкупно се собрани 4.219 крвни единици, односно годишниот план од 1.861 единица е остварен со 217 проценти“, изјави Миле Маџаров, секретар на ОО Црвен крст- Велес.
Крводарувањето во Велес е семејна традиција. 40 проценти од собраните крвни единици отпаѓале на лица до 30-та година.
Околу 600 велешани минатата годинаи за прв пат дарувале од скапоцената течност.
Институтот за трансфузиологија за оваа година од велешките крводарители планира да добие 1.861 кеса со скапоцената течност. Планот на ОО на Црвен крст во Велес е околу 4.000 крвни единици.
Дијана Иванова
