Катар-Бразил, на отворањето на Мундијалот
Катар цели кон Олимпијадата во Рио. Има ли капацитет да ја мине прво групата во која се Шпанија, Бразил, Словенија, Белорусија и Чиле...

Катар и ракомет. До пред некоја година незамислива спојка, иако оваа репрезентација последнава деценија симблично учествуваше на светските првенства како еден од подобрите тимови на ракометно скромниот азиски континент.
Пресвртниот момент се случи на Конгресот на ИХФ во Малме 2011, кога претседателот на Светската федерација Хасан Мустафа објави дека во конкуренција на Франција, Норвешка и на Полска, изборот за домаќин на Мундијалот оваа 2015 паднал на Катар!
Тоа беше всушност кога супербогатата пустинска држава во Персискиот Залив почна со неверојатни суми пари да „купува“ организации на големи спортски настани на глобално ниво. Светски првенства во пливање, во атлетика, во бокс, спортови некарактеристични за ова поднебје, веќе се одржуваа или ќе се одржуваат токму. И секако, сето тоа е ништо во споредба со фудбалскиот Мундијал предвиден за 2022.
Финансиите и инфраструкурата не му се проблем, па веднаш штом го доби ракометниот шампионат, Катар се заангажира и на спортски план. Пред две години за селектор го постави Валеро Ривера, само неколку месеци откако тој со Шпанија во Барселона стана светски првак. Потоа подели државјанства на неколку квалитетни, а запоставени европски играчи, со што веќе состави екипа за респект. Лани стана првак на Азија, под водство на Ривера досега одигра 20 натпревари, а нема пораз на оние од официјален карактер.
Катар цели кон Олимпијадата во Рио. Има ли капацитет да ја мине прво групата во која се Шпанија, Бразил, Словенија, Белорусија и Чиле, а потоа ништо чудно во 1/8-финалето да налета на Македонија, ќе покаже уште вечерашната мундијалска премиера против „кариоките“.
Дуелот Катар-Бразил го отвора шампионатот, преносот на МРТ-1 е од 18.30.
