Инвестиции

Тим на „Тафе Груп“ доаѓа во Македонија

15.01.2015 12:49

Економска презентација на Македонија во Азија. Владиното роуд – шоу се пресели во Раџастан, најголемата индиски држава со над 68 милиони жители. Реализирани средби со повеќе компании, учество на Самитот „Партнерство 2015“. Голема и моќна индиска компанија е пред одлука да инвестира во земјава...

Тим на „Тафе Груп“, третата по големина компанија за производство на трактори во светот, доаѓа во земјава за детално да ја скенира бизнис – климата. Со гигантоткој има годишен обрт од 2,5 милијарди долари, се преговара за отворање производствен капацитет во Македонија. Менаџментот на „Тафе“ смета дека нашата земја може да ја користи како база за освојување на финансиски моќниот европски пазар.

„На индиските компании им понудивме, преку Македонија, да го освојуваат европскиот и регионалниот пазар. Сметаме дека постои огромна можност да се отворат нови фабрики во земјава, да се вработат луѓе, да донесеме нови инвестиции. Продолжуваат преговорите со „Тафе“, ќе се формира тим кој ќе ја посети Македонија и ќе ги испита сите можности за инвестирање“, изјави Кристијан Делев, заменик – министер за економија.

Главниот менаџер на компанијата, Малика Сринивасан, која Форбс ја вброи меѓу стоте најбогати на светот, ги открива плановите за земјава.

„Македонија може да биде порта кон Европа и кон земјите од ЦЕФТА. Ние имаме план да го прошириме производството во овој регион, а Македонија е дел од нашите планови“, изјави Малика Сринивасан, главен менаџер на компанијата.

Инвестициските можности во Индија беа претставени пред повеќе компании, а се отвори патот и за домашните компании.

„Ние со Индија имаме потпишано договор за одбегнување на двојното оданочување. Ова има двоен ефект. Прво, се олесни можноста за индиските компании да отворат погони во Македонија, а од друга страна, македонските компании можат да го зголемат извозот на овој голем пазар“, нагласи Климент Шеќеровски, заменик – директор на Агенцијата за странски инвестиции.

Инаку, Владата на Раџастан во Џајпур го организира самитот „Партнество 2015“, а на него ќе учествува и македонската делегација, предводена од премиерот Груевски.

 

Мартин Пушевски