Велес по вторпат „Град на културата“
Пресудни беа инвестициските зафати и добро конципираната програма. Годинава ќе има над 200 настани, со 67 манифестации од сите дејности...

Општина Велес го доби приматот град на културата за 2015-та година. До Министерството за култура стигнаа пријави од три општини- Неготино, Велес и Струмица.
Градот втор пат го добива ова признание. Пресудни беа инвестициските зафати и добро конципираната програма. Годинава ќе има над 200 настани, со 67 манифестации од сите дејности.
Министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска, рече дека за разлика од 2005-та година, првиот пат кога беше Град на културата, Велес сега има инфраструктура и капацитет во кои ќе ги организира планираните содржини. Голем дел од настаните ќе се одржуваат во новаата зграда на Велешкиот театар, како и во обновените куќи на уметноста - куќите на Џинот, Главинов и на Касапови. Локации за настаните ќе бидат и отворениот амфитеатар, библиотеката и салата „Бели мугри“.
Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев, најави дека за секој настан има одреден датум и термин, така што првиот ќе биде на 18 јануари - Ноќ спроти Водици во новиот театар, а последниот настан - концерт на 31 декември 2015 во пресрет на Новата година.
