Нови 5.500 пензионери годинава бесплатно на бања
а оваа услуга од буџетот се обезбедени 38 милиони денари...

Уште 5.500 нови пензионери годинава бесплатно ќе престојуваат на бања. Барањата од денеска до 16 февруари ќе можат да се поднесуваат во подрачните единици на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. За оваа услуга од буџетот се обезбедени 38 милиони денари.
„Новина оваа година е тоа што во рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе биде даден на пензионерите кои пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ, и на пензионерите кои се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност, и секако пензионерите кои имаат пониска пензија“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Пензионерите кои изминативе години ја искористиле седумдневната бања, годинава можат да аплицираат само за туристички викенд.
„Ќе нагласам дека тие што го користеле правото за бањско- климатска рекреација минатата година, немаат право да користат оваа година“, изјави директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Амет Даути.
Пензионерите се задоволни од привилегијата за користење бесплатна бања. На овој начин ја надминуваат осаменоста и депресијата и го подобруваат социјалниот живот.
„Ја поздравуваме оваа акција уште еднаш. Истата треба да продолжи бидејќи задоволството на пензионерите е големо“, изјави Драги Аргировски, претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите.
Изминатите пет години бесплатната бања ја искористиле над 27 илјади пензионери. Реализирањето на проектот го поттикна развојот на бањскиот туризам и ги подобри условите во македонските бањи.
Сунчица Николоска
