Велес прогласен за град на културата за 2015-та
Велес ќе биде град на културата во 2015-та година. Општината вторпат ја добива оваа титула која Министерството за култура ја доделува веќе 12 години по ред. На конкурсот се пријавиле и Неготино и Струмица, а Велес е едногласно избран од Комисијата поради големиот број најавени и планирани културни настани...

Со комплексна програма од над 200 настани и 67 манифестации, Велес по втор пат е избран за град на културата. Најголем дел од содржините ќе се реалираат во новата зграда на велешкиот театар, и во обновените куќи на уметноста- на Џинот, на Главинов и на Касапови. Средишта на културата се и отворениот амфитеатар, библиотеката и салата „Бели мугри“.
„Првиот настан ќе биде на 18 јануари - Ноќ спроти Водици во новиот театар, а последниот настан - концерт на 31 декември 2015 во пресрет на Новата година“, изјави градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.
До крајот на годинава ќе биде санирана спомен- костурницата на Борците од НОБ, ќе бидат обновени фасадите од староградската архитектура на пет станбени објекти во градот и е најавена финансиска поддршка за репертоарот на Велешкиот театар. Во програмата се вклучени и традиционалните градски манифестации.
„Големата гордост и сетоа она што го изразува чувството на припадност и респект во делот на негувањето на македонската култура, традиција и историја, се разбира и сето она што е автентично и го отсликува градот Велес“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Во спектарот на интернационалните настани, се и Топлиот културен бран, Градот на културата, Рациновите средби, Фестивалот на античката драма Стоби и Колонијата Папрадишки мајстори.
Годинава ќе има и по два до три настани дневно, а велешките Шишмир порти се широко отворени за сите граѓани, најави градоначалникот.
Александра Перевска
