Прилеп се доближува до европскиот просек за потрошувачка на вода

15.01.2015 16:16

Поради одличното работење на Водовод Прилеп претпријатието е избрано помеѓу трите пилот општини за имплементација на новата Национална тарифа за пресметка на вода, со која ќе се добие реално колку чини метар кубен вода во секој град...

Прилеп е еден од ретките градови во Македонија кој полека се доближува до европскиот просек за потрошувачка на вода по глава на жител. Во 2014-та Прилеп трошел околу 220 литри, а европскиот просек е 150 литри дневно по човек. Во другите градови потрошувачката се движи и до 500 литри. За ова најмногу придонесе промената на старите водоводни цевки.

Во Прилеп досега се заменети околу 100 километри на водоводна мрежа. Јавното претпријатие Водовод секоја година заменува по околу 10 км. на нови цевки, за околу 4 до 5 години се очекува во Прилеп да биде заменета околу 90 проценти на водоводната мрежа.

Сега Прилеп годишно штеди и по 8 милиони денари.

„Моменталните загуби се под 50 проценти, околу 45 проценти што значи дека полека но сигурно влегуваме во едни европски стандарди со намалена потрошувачка“, истакна Сашо Николоски, директор на ЈКП Водовод Прилеп.

Поради одличното работење на Водовод Прилеп претпријатието е избрано помеѓу трите пилот општини за имплементација на новата Национална тарифа за пресметка на вода, со која ќе се добие реално колку чини метар кубен вода во секој град. Затоа што голем дел од јавните фирми во градовите сега работат со загуби.

„Блиску сме до границата на рентабилност на работење на Јавното комунално претпријатие и доколку се продолжи со ова темпо на реконструкција на водоводната мрежа, на развој на водоводниот систем, веќе доаѓа,е во судир со цената во смисла на квалитет на нашите услуги“, вели Ѓоко Јочкоски, раководител на технички сектор во Водовод Прилеп.

За да се намали уште повеќе потрошувачката потребно е и рационалното користење на водата кое за жал се уште не се практикува кај граѓаните..

„Па сега во зима мораме да ги пуштаме чешмите да течат бидејќи ќе ни замрзнат, и ќе ни пукнат цевките, нема тука штедење“, велат поголемиот дел од граѓаните.

Во иднина колку порационално ја трошиме водата толку ќе имаме поквалитетен живот за идните генерации.

 

Дарко Штаргоски