Во поликлиниката во Драчево отворена првата невролошка ординација

15.01.2015 16:25

Кабинетот работи веќе четири дена, и веќе се закажани прегледи на пациенти во системот „Мој термин“...

За невролошки преглед жителите на Драчево и околните села нема повеќе да патуваат до центрот на градот. За прв пат во оваа поликлиника има специјалист- невролог.

Кабинетот работи веќе четири дена, и веќе се закажани прегледи на пациенти во системот „Мој термин“.

„Повеќе децении во оваа поликлиника воопшто немало специјалист, во ниту една област, а особено специјалистите се значајни од интерна медицина како една поопшта гранка, но и невролошкиот и психијатрискиот кабинет, особено невролошкиот бидејќи имајќи предвид како старее населението, овој тип на заболувања ќе биде се подоминантен“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Ова е шестти специјалистички кабинет во оваа поликлиника. Во изминативе две години отворени се ординации по интерна медицина, лабораторија, ренген, за уво нос и грло и психијатрија.

„Она што недостасува во комплетната дијагностика е ехо апаратот за кој се надеваме дека за брзо време ќе можеме и тој да го обезбедиме, и она што го имаме како барање од граѓаните е инсулинската аптека за која планираме во оваа година да ја реализираме“, изјави д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Поликлиниката во Драчево опслужува околу 80 илјади граѓани. На овој начин граѓаните ќе можат да ги добиваат здравствените услуги блиску до местото на живеење. 

Невролошкиот кабинет во поликлиниката Драчево е отворен како резултат на проектот на Министерството за здравство за превземање на доктори од приватно во јавно здравство.

 

Андријана Атанасовска