Самоволието на „пајакот“
Колку и да е омразена кај возачите, пајак- службата во Скопје става ред во паркирањето кое во минатото беше проблем за главниот град. Но од друга страна многу често ги надминува овластувањата. Камерата на МТВ сними серија сообраќајни прекршоци од страна на пајак возилата, состојба што се граничи со самоволие...

Две и пол илјади денари треба да искеширате на пултот на пајак службата ако ви го кренале возилото, непрописно паркирано. Но, кому и каде треба да платат глоба градските и општинските пајаци, кои при влезот и излезот од базата под Железничка, секојдневно прават прекршок тежок 15.000 денари?
За само еден час камерата на МТВ улови пет во сообраќајот страшни прекршоци. Минување преку две полни линии. Ако оваа служба работи 24 часа седум дена во неделата, не е тешко да се пресмета колку прекршоци прават пајаците во еден ден.
„Не се во право. Тоа го прават на сопствен ризик. Тоа е свесно кршење на законските одредби. Две полни линии, или една, потполно е исто според Законот за безбедност на сообраќајот. Во Законот јасно е кажано дека возачот не смее да ја прегазува полната линија, ниту да се движи по неа“, изјави Боро Летниковски, сообраќаен инженер.
Правилото за пресекување на полна линија смеат да го прекршат единствено означените возила на медицинска помош, полицијата и противпожарната екипа, и тоа само во исклучителни случаи при итна интервенција. Пајак возилото не спаѓа во оваа категорија. За башибозукот да биде уште понесфатлив е оваа слика од секојдневието.
Во пајаците кои грубо го кршат законот сечејќи две полни ленти има и сообраќаен полицаец, веројатно оној кој дава налог за собирање на непрописно паркираните возила.
Од Сообраќајната полиција добивме соопштение во кое се вели:
„Сообраќајната полиција го има детектирано овој сообраќаен прекршок и во изминатиот период во повеќе наврати се преземени соодветни законски мерки против прекршителите. Во врска со конкретниот случај кој сте го регистрирале со Вашата камера, Ве повикуваме да ни доставите примерок од снимениот материјал со цел да преземеме соодветни законски мерки против прекршителот, како и дисциплински мерки против полицискиот службеник кој го сторил прекршокот.“
Менаџерите на градскиот и на општинскиот пајак не беа достапни за коментар и не одговорија на повиците и на електронската пошта.
Од пониските ешалони добивме одговор дека знаат за проблемот и на возачите им укажувале да не прават прекршоци. Барале измена во патната сигнализација и полната линија да се испрекине за пајаците да не прават прекршок кога влегуваат во депото.
„Да се направи испрекината. Секои шест месеци праќаме барање“, вели еден возач на пајак службата.
Сообраќајна некултура или дрска демонстрација на сила. Пајак службата мора да биде професионална и да ги почитува законите додека ја врши работата.
Минатата година надлежните тргнаа со голема кампања за подигнување на безбедноста во сообраќајот. Но, се чини дека дел од оние коишто треба да го имплементираат законот, ни самите не ги почитуваат сообраќајните правила.
Анита Димитријевска
