Наместо свеќа запалила петарда- радовишанка може да остане без дланка

15.01.2015 17:19

Радовишанка може да ја изгуби дланката, откако наместо свеќа по грешка запалила петарда. Вчера била примена во Штипската болница, поради сериозноста е префрлена во Скопје...

Наместо свеќа запалила петарда. Краткотрајниот прекин на струја- кобен за 69-годишна радовишанка. Во темната соба прва при рака и се нашла петарда, несреќната жена побрзала да овозможи светлина, кога барутот и ја разнел дланката. Веднаш била примена во Клиничката болница во Штип, а од денеска се наоѓа на Клиниката за пластична хирургија во Скопје.

„Повредена е левата шака. Пациентката е надвор од животна опасност, повредени се палецот и вториот прст. Има повредено коскени и мекоткивни структури, направена е реконструкција и се чека“, изјави директорката на Клиниката за пластична хирургија, Смиља Туџарова.

Докторите смируваат дека пациентката е надвор од животна опасност, но не ја оспоруваат сериозноста на повредата.

Прогнозите за дланката на несреќната жена не се оптимистички. Малото невнимание најверојатно ќе ја остави доживотен инвалид.

 

Катерина Топалова