Премиерот Груевски се обрати на самитот „Партнерство 2015“ во Џајпур
Премиерот ги покани индиските компании да направат анализа и да ја посетат Македонија и да се уверат во широкиот спектар на можности кој се нуди за економска соработка...

Економските и политичките односи бележат нагорен тренд, особено по интензивната размена на посети на високо и највисоко ниво, како што е и оваа посета од наша страна, но и средбата која ја имав пред четири дена со премиерот на Република Индија, при што забележливо е дека со г-динот Моди имаме иста стратешка цел и фокус, тоа се економијата, инвестициите, новите работни места, подобрата бизнис клима, подобриот живот на луѓето, изјави премиерот Никола Груевски денеска на самитот „Партнерство 2015“ кој се одржа во градот Џајпур, Република Индија, соопшти Секторот за односи со јавноста на Владата.
Груевски ги претстави достигнувањата во сферата на економијата и во останатите области. Toj истакна дека Македонија е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа.
Премиерката на индиската држава Раџастан, г Васундара Раје, во своето излагање на самитот истакна дека партнерствата се добар модел за остварување на напредок.Вистинскиот развој е можен само преку остварување на партнерства меѓу владите, бизнисмените и граѓанскиот сектор. Раџастан нуди неограничени можности за остварување на партнерства. Ова е голема држава, посочи премиерката Раје.
Интернационалниот економски самит „Партнерство 2015”, чија главна тема е продлабочување на економската соработка и остварување на партнерства за нови релации, се одржува во организација на Конфедерацијата на индиската индустрија која е најголемата стопанска комора која ги обединува најголемите компании во Индија, владата на индиската држава Раџастан, како и индиското Министерство за економија и промоција.
Овој самит се одржува од 1995-та година, а оваа година учествуваат економски делегации од вкупно 51 држава, како и претставници на меѓународни компании.
