Свечено отворен 24.ракометен Мундијал

Катар се уште се организира, но на терен победува

15.01.2015 21:07

Ако се суди по првиот ден, по она што не го гледа светот преку телевизиските екрани, веројатно и со право. Овде се уште организациски се бараат себеси, но барем за желбата на катарците да се прикажат во најдобро светло, не може да најдеме премногу забелешки...

Кога во 2011 во конкуренција на Франција, Норвешка и на Полска, Кaтар го доби ракометниот Мундијал во 2015, многумина со сомнеж гледаа на капацитетот на пустинската заливска земја да вгости еден настан од ваков калибар. Ако се суди по првиот ден, по она што не го гледа светот  преку телевизиските екрани, веројатно и со право. Овде се уште организациски се бараат себеси, но барем за желбата на катарците да се прикажат во најдобро светло, не може да најдеме премногу забелешки.

Со такви амбиции, да биде спортски конкурентен и на теренот, домаќинот го отвори и натпреварувачкиот дел од 24-то светско првенство. 730 дена откако со Шпанија освои злато во Барселона 2011, Валеро Ривера му донесе на Катар победнички почеток на самитот на најдобрите. Во грандиозната арена во Лусаил, којашто ни најмалку не личи на оаза како во промотивните видеа, туку е опкружена со градилиште и со многу прав, го победи Бразил со 28-23 во мундијалската премиера, двобојот од групата “Б“.

Уводниот меч беше одигран пред половично исполнети трибини, што е чудно, но само донекаде, бидејќи целосно беше полна арената на импресивниот церемонијал на свеченото отворање. Организаторот подготви спектакуларно шоу налик на оние на олимписките игри. Катар покажа дел од својата културна традиција, но сето тоа современо, футуристично, пребогато. Шоуто кулминираше со официјалната химна „Live it“, а меѓу изведувачите беше и нашиот Даниел Кајмакоски. На свеченоста беа присутни сите селекции, учеснички, а меѓу високите гости во ВИП-ложите, во друштво на Емирот, Шеикот Ал Тани, беше и претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, којшто деновиве е во Доха. Попладнево тој ги посети и македонските ракометари, посакувајќи им многу успех на шампионатот.

За нив, Мундијалот почнува утре. Од 15 часот токму во оваа најголема од трите арени во лусаил, македонија ја очекува дуел со Тунис. Четвртипат ќе затреперат срцата на нашите репрезенти на најголемите настани досега, се уште живееме со спомените од 11-то место во Хрватска пред шест години, но овој пат сме и со уште повисоки амбиции. Видиците ни се насочени кон рио наредното лето 2016, за што прво ќе треба да се стигне не само до 1/8-, туку и до 1/4-финалето.