Можностите за бизнис во Македонија претставени на самитот „Партнерство 2015“
Премиерот Груевски пред економските делегации од 50 држави ги претстави достигнувањата во сферата на економијата, инвестициите и поволната бизнис клима во Македонија...
Продлабочување на економската соработка и остварување партнерства за нови релации е главната поента на Интернационалниот самит кој се одржа во индиската држава Раџастан. Премиерот Груевски пред економските делегации од 50 држави ги претстави достигнувањата во сферата на економијата, инвестициите и поволната бизнис клима во Македонија.
„Економијата и политичките односи се во нагорен тренд особено поради зголемениот број посети на највисоко ниво како што е овој, но и со состанокот што го имав со премиерот Нариндра Моди пред 4 дена при што заклучивмне дека имаме заедничка цел и интерес. Тоа се економијата, инвестициите, новите работни места. Подобрата бизнис клима, подобриот живот за луѓето“, изјави премиерот Никола Груевски.
Раџастан по површина е најголема индиска држава, која има позитивен економски напредок. Развиени се цементната, минералната и текстилната индустрија, туризмот и земјоделското производство. Премиерката на Раџастан ги повика учесниците да му отворат пат на бизнисот.
„Развојот е можен единствено преку партнерство поттикнато од владите,бизнисите и се разбира од граѓаните. Раџастан а овозможува привлечни услови за партнерство. Ова е најголема држава во Индија и ние сме поголеми од многу земји во светот“, изјави премиерката на индиската држава Раџастан, Васундара Раје.
Конфедерацијата на индиската индустрија е најголемата стопанска комора во Индија која обединува 7.200 членови и над 100.000 индиректни компании - членки. Таа е еден од клучните фактори за креирање на економскиот раст на Индија. Развојот на Индија треба да се искористи, велат организаторите.
„Растот на бруто домашниот производ на Индија во последниот квартал е 5.7%, а производството се зголемува за 5% во последните две години. Повеќето аналитичари очекуваат дека во наредните две години Индија ќе биде една од најбрзорастечките економии во светот со раст од 7%“, рече Бенерџи Чандрајит, претседател на Конфедерацијата на индиската индустрија.
Груевски ги покани индиските компании да направат анализа и да се уверат во широкиот спектар на можности што ги нуди Македонија.
„Македонија има одлична инфраструктура, но и покрај ова тековно градиме 3 автопати и железница кон бугарија. Почнувајќи од идната година ќе ја градиме и гасификациската мрежа, засега имаме база но не насекаде во земјата. Исто така имаме и други проекти за локални и регионални патишта. Растот на економијата се заснова на три столба: првиот е градежништвото, вториот е силен растечки извоз и третиот столб е потрошувачката“, нагласи премиерот Груевски.
На средбата двајцата премиери разговараа за можностите за економска соработка и искористување на економските потенцијали на двете држави, во духот на унапредување на севкупните односи меѓу Индија и Македонија.
Наташа Гркова- Петрушевска
