Ракомет- СП Катар

Македонија бара реванш против Тунис

16.01.2015 12:46

Тунижаните ни се должници од Вараждин каде што на СП на 17 јануари 2009 година, не поразија на стартот со 25-24...

По спектакуларното отворање, ракометниот Мундијал во Катар од денеска и во полн натпреварувачки сјај. Освен дуелот против Тунис со кој Македонија го отвора четвртото учество на Планетарните самити, свое претставување ќе имаат уште 20 селекции во десетте двобои од четирите групи. Тунижаните ни се должници од Вараждин каде што на СП на 17 јануари 2009 година, не поразија на стартот со 25-24.

Во нашата група фаворизираната Хрватска во лов на висок пласман тргнува во мечот со Австрија, а во дербито на дното,  ама само на хартија ќе играат Бих и Иран.

Во „Д“ групата во фокусот е дуелот на старите ривали Полска и Германија исклучително интересен иако германците по администартивен пат се во Катар и како никогаш досега со скромни аспирации кон ракометниот врв. Данска не би требало да има поголеми проблеми со Аргентина, исто како и Русија со Саудиска Арабија.

Словенија која е наш можен противник во нокаут рундата е голем фаворит против Чиле во меч од „А“ конкуренцијата каде што бранителот на тронот Шпанија за ривал ја има Белорусија.

Еден од трите најголеми фаворити за титулата Франција фаќа залет против Чешка во третата група која носи скандинавско-африкански пресметки, Шведска-Исланд и Алжир-Египет.

Потсетување за гледачите на МТВ за директните преноси на прва. Македонија – Тунис од 15 часот. Два часа подоцна почнува преносот од мечот Хрватска – Австрија.

Од 14.30 почнува отвореното студио посветено на ракометниот Мундијал во Катар.