ССМ: Тужби и кривични пријави за фирмите кои нема да исплатат К-15

16.01.2015 13:32

Компаниите што не го испочитувале законската обврска, ќе добијат тужби, а онаму каде што ќе се достават доказите дека исплатениот К- 15 работодавачите бараат да им биде вратен, ССМ ќе им поднесе и кривични пријави...

Речиси 99 проценти од фирмите во земјава го исплатиле регресот за годишен одмор на работниците - велат од ССМ. Компаниите што не го испочитувале  законската обврска, ќе добијат тужби, а онаму каде што ќе се достават доказите дека исплатениот К- 15 работодавачите бараат да им биде вратен, ССМ ќе им поднесе и кривични пријави.

Државниот инспекторат за труд поднел претставки за 54 фирми, а Сојузот на синдикати на Македонија за 20 компании, главно од текстилната индустрија во Тетово, Битола, Кочани и Скопје. Злоупотреби во исплатата на К-15 имало и во оранжерии во Свети Николе, градежни компании во Скопје, како и во фирми за обезбедување, брокерски куќи и неколку медиуми.  

ССМ ги достави претставките до Државниот инспекторат со кого се договориме да имаме засилени контроли во компаниите. Се надеваме дека во заедничка активност со Министерството за труд и социјална политика ќе успееме да дојдеме до 100-процентна исплата на регресот на годишен одмор, истакна претседателот на ССМ, Живко Митревски на денешната прес-конференција.