Вратата на НАТО останува отворена

16.01.2015 14:19

Вратата на НАТО за проширување останува отворена за европските демократии како Македонија што сакаат да се приклучат на Алијансата, изјави портпаролката на Стејт Департментот за Македонската телевизија, додавајќи дека Вашингтон мошне одблизу го следи разрешувањето на спорот со името...

Остануваме посветени на проширувањето на НАТО со земјите од Западен Балкан, изјави американскиот државен секретар Џон Кери во Софија, додавајќи дека со бугарските политичари разговарал Бугарија да биде гарант за проширувањето.

Портпаролката на Стејт Департментот Мари Харф на прашање од Македонската телевизија дали ја поддржува изјавата на американскиот амбасадор Пол Волерс дека Македонија требаше уште вчера да биде членка на НАТО, одговори:

„Секогаш ги поддржувам нашите амбасадори. Не сум ја видела таа изјава. Вратата на НАТО останува отворена за европските демократии што сакаат да се приклучат на Алијансата, да ги делат нашите принципи и да придонесуваат за безбедноста во Северноатланскиот регион. НАТО кажа дека ги поддржува аспирациите на Македонија за приклучување кога ќе биде подготвена. Секако нашата позиција по ова не се смени. Сојузниците исто така истакнаа дека Македонија не може да добие покана додека не се реши спорот со Грција околу името. Знам дека се работи на тоа, но јасно е дека ова е прашање што го следиме многу одблизу“, изјави Мари Харф, заменик портпарол на Стејт Департментот.

Борбата против тероризмот и Исламската држава ќе биде во фокусот на американската надворешна политика оваа година. За таа цел на 18-ти февруари во Вашингтон, американскиот претседател Барак Обама свика Самит на Коалицијата за борба против тероризмот.

Америка сака да биде лидер во регионот и да има добри односи со сите соседи, па затоа на 21-ви јануари во Хавана помошникот државен секретар Роберта Џекобсон за првпат по 50 години ќе ја предводи американската делегација на разговори со кубанскиот државен врв.

Воспоставувањето на дипломатските односи со Куба ќе биде еден од приоритетите на американската надворешна политика во 2015-та.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ