Успешно спречен терористички напад во Белгија, зголемено ниво на безбедност низ цела Европа
Неофицијално на територијата на Белгија и Холандија, во истрагата засега се откриени околу 20 терористички ќелии на т.н. спијачи...

Двајца убиени џихадисти и 13 приведени – е билансот од вчерашната, успешно завршена анитерористичка акција во белгискиот град Вервие.
„Истрагата покажа дека оваа група планирала да изврши голем терористички напад во повеќе делови во Белгија“, изјави портпаролот на белгискиот федерален обвинител, Тиери Вертс.
Според Вертс, целта на нападите биле автопатите и напад на цивили, што значи дека станува збор за отворен терористички напад, како и неколку полициски станици. Инаку во текот на самата акција која траела околу половина час и било употребно автоматско оружје, нема загинати припадници на полициските сили.
Во обемната акција на белгиската полиција претреси се извршени и во центарот на Брисел, како и во населбите Андерлект, Скарбек и Молебек, каде е пронајдено поголем број на автоматско оружје и експлозиви. Во европската престолнина подигнат е степенот на безбедност од 2-ро на 3-то ниво, особено на полициските станици и клучните институции.
„Преземавме мерки, како што е зајакната контрола на влезовите на зградта, и зголемување на бројот на лицата за обезбедување“, изјави Мина Андреева, портпарол на Европската комисија.
Инаку, неофицијално на територијата на Белгија и Холандија, во истрагата засега се откриени околу 20 терористички ќелии на т.н. спијачи.
Изминативе два дена степенот на безбедност е подигнат и во цела Европа. Рации, претреси и приведувања во сите поголеми градови. Во Берлин уапсени се двајца осомничени за поврзаност со групата за подршка на милитантната Исламистичка држава, како и за можни нови терористички напади.
Во Амстердам, утринава како мерка за внимателсност од опасност на тероризам, пак е затворено училиштето за православни евреи. И на крај секако Париз- во полициска акција се приведени 10 лица осомничени за тероризам, а затворена и евакуирана е источната железничка станица поради присуството на неиндетификуван багаж.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
