Успешно завршена мисијата ИСАФ- Македонија останува кредибилен партнер на НАТО

16.01.2015 16:19

За 12-години учество во Авганистан низ повеќе ротации поминаа близу до 3.000 припадници на АРМ. Доверувањето нашите војници да ја обезбедуваат главната команда во Кабул е признание за обученоста и професионализмот...

Аргументите зошто Македонија реши да учествува во ИСАФ е поради фактите, со подобра глобална, подобра национална безбедност, наученото во реалноста не се споредува со вежбите и покажуваме дека сме рамноправен партнер на НАТО, рече првиот човек на генералштабот на Армијата, генерал Котески.

„Ми претставуваше чест како началник на генералштабот кога ги слушав зборовите на воените и политичките авторитети на ИСАФ: Се чувствуваме сигурни во оваа команда, вашите војници се професионални, одговорни и храбри и тоа не беше шминка, тоа беше реалност“, изјави генерал-потполковник Горанчо Котески, Началник на ГШ на АРМ.

За 12-години учество во Авганистан низ повеќе ротации поминаа близу до 3.000 припадници на АРМ. Доверувањето нашите војници да ја обезбедуваат главната команда во Кабул е признание за обученоста и професионализмот. Партнерите и нашите поддржувачи беа децидни, Македонија заслужи да биде членка на НАТО. Доказ за тоа е и сликата што во 2011-та го обиколи светот.

„Во септември 2011-тата кога другите избегаа во жестокиот напад на зградата на командата во Кабул и на нашата амбасада, вие останавте и заедно се боревме со непријателот“, нагласи Пол Волерс, амбасадор на САД во заминување.

„Турција е убедена дека Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО и затоа смета дека заслужува фер и еднаков третман како и секоја друга земја аспирант“, изјави Омур Шолендил, амбасадор на Турција во Република Македонија.

Остануваме посветени на реформите, порача министерот за одбрана Јолевски, истовремено искажувајќи им благодарност на припадниците на Армијата за досегашниот ангажман во ИСАФ.

„Де факто сме дел од НАТО. Ние сме сојузник на којшто може да му верувате и да се потпрете“, истакна министерот Јолевски.

Македонија останува како дел од меѓународните сили и во новата мисија „Решителна поддршка“. 38 старешини и војници се ангажирани во командата во Кабул и во обуката на авганистанските безбедносни сили.

 

Милчо Велески