Бизнис форум во Џајпур

Македонија- порта за освојување на европскиот пазар за индиските компании

16.01.2015 16:54

Преку бројни реформи постојано ја подобруваме бизнис климата, а стабилниот макроекономски амбиент и валута, заедно со ниската инфлација им даваат голема предност на компаниите кои сакаат да инвестираат во Македонија, нагласи Груевски...

Конфедерацијата на индиската индустрија ја промовира Македонија како атрактивна  бизнис дестинација. На бизнис форумот во Џајпур премиерот Никола Груевски и неговиот економски тим ги презентираа можностите за инвестирање во земјава. Преку бројни реформи постојано ја подобруваме бизнис климата, а стабилниот макроекономски амбиент и валута, заедно со ниската инфлација им даваат голема предност на компаниите кои сакаат да инвестираат во Македонија, нагласи Груевски. Во фокус е развојот на информатичките технологии, а располагаме и со потребниот кадар. 

„Пробивот на интернетот е многу важен за информациската поврзаност. Во 2006-та покриеноста беше 9 насто, денес е околу 70 насто, значи имаме сериозен напредок. Ова е значајно за факултетите, за средното образование и затоа отворивме  специјализиран универзитет за информациски технологии во Охрид, кој е најпознато туристичко место во Македонија, а студиите се на англиски“, изјави премиерот Никола Груевски пред индискте бизнисмени во Џајпур.

Македонија е вистинска порта за освојување на европскиот пазар смета бизнисменот Сјам Тандон, кој има синџир од компании во металната и прехранбената индустрија.

„Бевме на презентацијата на премиерот за Македонија за даночната политика и за зголемената отвореност кон меѓународните инвеститори. Мислам дека ова е можност за инвеститорите и за индустријалците да се поврзат со Македонија како порта за отворање нови бизниси на запад. Сметам дека годинава треба да го отвориме пазарот кон Европа како што тоа го направивме во америка лани. Македонија треба да биде порта кон Европа“, смета Сјам Тандон, споственик на синџирот „Солеман“.

Македонија е атрактивна дестинација за инвестирање што го потврдуваат  рангирањата на реномирани меѓународни институции, нагласи министерот Џери Наумоф, поканувајќи ги индиските менаџери да ја посетат земјава и лично да се уверат во погодностите за вложување.

„Две работи ќе нагласам. Само пред неколку дена Њујорк тајмс ја селектираше Македонија меѓу 52-те места во светот што треба да ги видите каде Македонија е рангирана на 10-то место. Лани, исто така агенцијата Лонли планет ја лоцираше Македонија меѓу 10-те држави во светот што треба да ги посетите“, истакна министерот Наумоф.

Премиерот Груевски појасни дека Македонија преку бројните договори за слободна трговија им нуди на инвеститорите отворен пазар од неверојатни 660 милиони потрошувачи. Посебен потенцијал за инвестирање и градење хотелски капацитети,  нудат туристичките зони, каде почетната цена за квадрат земјиште изнесува 1 евро.

 

Свето Николовски