Успешно изведен нов оперативен метод на Државната кардиохирургија

16.01.2015 17:05

Нов оперативен метод со помалку болка и траума беше изведен на Државната кардиохирургија. Македонскиот тим лекари асистираше и учеше на искусниот словенечки кардиохирург...

72 годишна пациентка беше оперирана на Државната кардиохирургија со три пати помал рез од вообичаениот од 25 сантиметри. Таа е во добра состојба. Замената на аортниот залисток го изврши кардиохирург кој веќе 15 години го изведува овој метод во Германија и во Словенија. Асистираше македонски тим. Тие, освен овде ќе го изучуваат овој метод и во Словенечката клиника „Медикор“.

„Хируршката траума, крварењето и болките на пациентот се помали, затоа што е зачувана стабилноста на долниот дел на градниот кош. Поради овие придобивки од кусиот рез пациентот побрзо станува подвижен, а рехабилитацијата е покуса“, изјави прим. д-р Миладин Ѓорѓевиќ, кардиохирург, клиника „Медикор“. 

За околу една година откако постои државната кардиохирургија ова е 35 операција. За годинава се планирани стотина операции.

„Државната кадриохирургија ќе биде преслена во новите простории во Клиниката за кардиологија, ќе бидат во една зграда, со што значително ќе се подобрат условите за работа на персоналот, ќе има две операциони сали, опремата е веќе набавена и е во вредност од околу 1 ипол милиони евра“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Иако оваа Клиника е „најмлада“ во Македонија со овој нов метод се прави значаен исчекор во оваа област.

Кардиоваскуларните заболувања се на прво место кај македонските граѓани, за тоа се трошат најмногу лекови, а годишно се изведуваат преку 1.500 операции во двете приватни кардиохирургии.  

 

Соња Стојановска