Просветните работници обвинуваат: Раководството на СОНК води лични битки
Уверени се дека штрајкот е лична агенда на нивниот претседател Јаким Неделков, но и на Дојчин Цветановски за да добијат уште еден мандат на изборите во октомври кога ќе се бира новото раководство...

Се продлабочува раздорот во Синдикатот за образование и наука (СОНК). На ставот што вчера го објавија скопските наставници, членови на СОНК, дека се против штрајк масовно им се приклучија просветните работници од многу градови ширум земјава.
Уверени се дека штрајкот е лична агенда на нивниот претседател Јаким Неделков, но и на Дојчин Цветановски за да добијат уште еден мандат на изборите во октомври кога ќе се бира новото раководство.
„Идејата за бојкот на воспитно образовниот процес на учениците во земјата, произлегува од личните интереси на потесното раководство на Синдикатот, предводено од актуелниот претседател Јаким Неделков, кој оваа година очекува да биде резибран“, вили Милкица Миленковиќ Стојанова, професор.
„Треба поголема флексибилност во разговорите за да се постигне нешто на еден покултурен начин, а не со штрајк“, изјави Даринка Речановска, професор.
Во Кавадарци наставниците од скоро сите училишта нема да штрајкуваат и се против одлуката на раководството на СОНК. Сметаат дека штрајкот не е инструмент преку кој треба да се решаваат проблемите. Ова е борба за претседателското столче во синдикатот, а не за правата на наставниците, велат тие.
„Со повикување на учениците да не одат на настава се врши грубо кршење на Уставот и законите. Во услови кога повеќе синдикални ограноци му откажуваат послушност на раководствот на СОНК, се смета дека најголем дел од наставниците и учениците ќе ја посетуваат наставата“, велат просветните работници од Кавадарци.
Нема да има штрајк ниту во Гевгелија и Радовиш.
„Основците, средношколците и децата од градинките во Радовиш нема да бидат жртви на политиките за остварување лични цели на актуелното раковдство на СОНК, кое нас просветните работници интензивно не притиска да ја поддржиме одлуката за штрајк“, вели Иванка Спасова.
„Заканите за штрајк немаат за цел подобрување на состојбата на наставниците, туку имаат за цел сопствена кампања и сопствен избор на претседателот“, велат просветните работници од Гевгелија.
Прво да се избере новото раководство на СОНК, а потоа тоа со полн мандат да одлучи кои ќе бидат следните чекори и тогаш да се разговара со надлежните, сметаат наставниците.
Викторија Тодоровска
