Поубаво не можеше
Одлични 60 минути на нашите ракометари за накрајот убедлива победа со 33-25 над селекцијата на Тунис...

Голема победа за Македонија на стартот на светското првенство.Значајна ,за самодоверба,за отворање на патот кон првозацртаната цел-пласман во нок-аут фазата, за голема радост не само кај неколкуте стотини навивачи овде во Доха,туку веруваме и насекаде низ светот каде што има македонци.
Одлични 60 минути на нашите ракометари за накрајот убедлива победа со 33-25 над селекцијата на Тунис.
Македонија во далечниот Катар покажа дека има се што и е потребно.
Прекрасни навивачи,одлични ракометари и големо срце. Фалангата ја обои во жолто-црвено Лусаил арената, иако помалубројна ја засени илјадната навивачка група од Тунис,а ракометарите знаеја како да возвратат за поддршката,од првата до последната минута. Го прифатија предизвикот,на грубата игра на Тунис возвратија со иста мерка, со агресивност, бескомпромисност и уште повеќе со квалитет.
Најуспешната африканска селекција поведе само на почетокот,потоа се беше под знакот на Македонија.Од 6-тата до 12-тата минута серија 6-0 за 9-4,мал пад во финипот на полувремето за 15-14,но и враќање за 18-14 пред одморот.
Во вторите 30 минути демонстарција на моќ, но и потенцирање на убавината на ракометната игра,со многу комбинаторика во нападот,со луцидни асистенции и атрактивни погодоци и одново ,моќна одбрана, за највисоки 33-23 во 58-та минута.
Во големиот триумф неблагодарно е да се бараат најдобрите,сите одиграа одлично,за статистичарите : Ристовски 13 одбрани,Лазаров 10 погодоци,Манасков и Миркуловски по 6.
И на крајот,македонската селекција покажа големина,разлика во класа ,покажа и игра и желба што ветуваат уште еден триумф- утре од 17 часот против селекцијата на Иран која денеска загуби од Босна со 30-25 во нашата група во која Хрватска ја победи Австрија со 32-30.
