Нов ривал, ист план – победа!!!
Блесна нападот против Тунис. И одбраната беше на ниво. Националниот тим делуваше свежо, имаше решенија, функционираше од сите позиции. А тоа е посакуваниот рецепт...

Ако падна Тунис, што против Иран? Се разбира победа. Би била или ќе биде втора на светското првенство за македонските ракометари. Но селекторот Обрван вели нема славење. И не треба да има. Крајната цел е далеку, а првиот чекор е успешен. Триумфот над Тунис со 33-25 отвора извонредна мундијалска перспектива. Денеска сме фаворити против Иран, кој е анонимен во ракометните кругови. Дебитантот на шампионатите е шанса за два од два.
„Опуштање нема да има. Треба да пристапиме максимално сериозно и да ја потврдиме победата против Иран“, вели капитенот на нашата репрезентација Кире Лазаров.
Блесна нападот против Тунис. И одбраната беше на ниво. Националниот тим делуваше свежо, имаше решенија, функционираше од сите позиции. А тоа е посакуваниот рецепт. Македонија покажа физиономија и сега станува уште поголем фаворит. За разлика од тоа, почетниот пораз на Иранците од Босна и Херцеговина со 30-25 ги покажа детските болести на нашиот денешен ривал. Одлично прво полувреме со предност од четири гола и потоа драстичен пад во второто.
„По толку проблеми конечно и мене да ми тргне на еден натпревар. Добро е што против Тунис игравме сите“, категоричен е Наумче Мојсовски.
Седмата победа на 16-от натпревар на светските шампионати не значи конечен успех во Катар. Но значи помирен пристап за играчите. Значи дека Македонија може да истрча против Босна в понеделник со две решени полиња од енигмата „Катар 2015-та“.
Илузијата на Тунис траеше шест минути, рече неговиот предводник, славниот Сеад Хасанефендиќ. Реално е Македонија и денеска да победи. Тоа е не само посакуан, туку и логичен расплет денеска во салата „Али Бин Хамад Ал Атијах“. Ќе биде ли така, ќе видиме во преносот на првиот канал на Македонската телевизија од 17 часот. Триесетина минути порано ќе почне нашата мундијалска емисија.
