Ракомет- СП Катар

Обрван оптимист, но смирува!

17.01.2015 12:24

Селекторот на македонската репрезентација, Ивица Обрван, побара новинарите да не прават еуфорија, а со тоа ракометарите да останат цврсто на земја пред денешниот дуел со Иран...

И покрај одличната игра против Тунис и победата со 33-25 на почетокот на Светското првенство во Катар, селекторот на македонската репрезентација, Ивица Обрван, побара новинарите да не прават еуфорија, а со тоа ракометарите да останат цврсто на земја пред денешниот дуел со Иран. 

„Се разбира дека сум задоволен со победата. Отворањето на шампионат секогаш е тешко, без оглед на ривалот, но ние игравме добро и во напад и во одбрана во поголемиот дел од средбата“, нашиот стратег ги оцени првите 60 мундијалски минути. Сепак, Обрван побара максимална концентрација затоа што конечната цел на Македонија се уште е далеку.

„На светско првенство нема време за славење. Веднаш треба да се подготвуваме за натпреварот со Иран. Бодовите однапред не се резервирани за никого“, предупреди македонскиот стратег, притоа не намалувајќи ги оптимистичките тонови од репрезентативниот табор во пресрет на соочувањето со аутсајдерот којшто вчера загуби од Босна и Херцеговина со 30-25.