Мојсовски гладен за нови победи
„Игравме извонредно. Бевме незапирливи во нападот, а одлично функционираше и одбраната. Голманот беше на ниво. Вообичаено ние не постигнуваме многу голови, играме на натпревари со малку погодоци, но вчера блеснавме“, радоста на Мојсовски се читаше од неговото лице...

Наумче Мојсовски пропушти речиси цела година поради повредата којашто го оддалечи од терените, но по враќањето, веднаш покажа дека е значајна алка во играта на македонската ракометна репрезентација. Популарниот „Мојсо“ учествуваше со четири гола од пет обиди во победата над Тунис со 33-25 на отворањето на Мундијалот во Катар.
„Игравме извонредно. Бевме незапирливи во нападот, а одлично функционираше и одбраната. Голманот беше на ниво. Вообичаено ние не постигнуваме многу голови, играме на натпревари со малку погодоци, но вчера блеснавме“, радоста на Мојсовски се читаше од неговото лице.
Македонија денеска важи за фаворит против Иран (пренос МРТ 1, 19.00) во второто коло на Светското првенство, победата е цел, но бодовите ќе ги впишеме по мечот.
„Мора да продолжиме во ист ритам. Не треба да калкулираме со силите, туку да одиграме максимално. Нема штедење“, порача Мојсовски пред пресметката со дебитантот на светските шампионати.
