Македонскиот репрезентативен капитен пред вториот меч на СП во Катар

Лазаров: „Мирно против Иран, на добар пат сме“

17.01.2015 12:32

„Иран е противник којшто не смееме да го потцениме, но доволно сме искусни да бидеме сигурни во себе и да не дозволиме да го спуштиме нивото“, вели нашиот бомбардер пред денешното мундијалско соочување со Иран...

„Можеби го „прекршивме“ договорот што го имавме од натпревар во натпревар да растеме, но најважно е што вчера одигравме совршено против одличен противник и тоа ми дава надеж дека ќе продолжиме по нагорна линија и во понатамошните натпревари“, беше умерен во победничкото расположение македонскиот репрезентативен капитен Кирил Лазаров по десетте гола во почетната победа над Тунис на СП во Катар.

„Иран е противник којшто не смееме да го потцениме, но доволно сме искусни да бидеме сигурни во себе и да не дозволиме да го спуштиме нивото“, вели нашиот бомбардер пред денешното мундијалско соочување со Иран.

Противникот е дебитант на најголемите ракометни настани, но тоа нема да влијае на пристапот на македонските ракометари во средбата којашто уште вечер може да ги направи речиси сигурни осминафиналисти на шампионатот.

„Како главни датуми ги имавме зацртано 16 и 25 јануари. Првиот испит го положивме, осминафиналето за осум дена допрва ќе не чека, но секако нема да калкулираме на ниту еден и од преостанатите натпревари“, изјави Лазаров.