Дебитантот е на ред
Нивната игра се базира пред се на одличните физички предиспозиции и брзината што се обидуваат да ја наметнат, но недоволниот индивидуален квалитет е причина за многу технички грешки во текот на нивните натпревари.

По убедливиот триумф над Тунис, следен противник за нашата најдобра ракометна селекција на светското во Катар е селекцијата на Иран која дебитира на големите светски собири. Селекција без поголемо меѓународно искуство што најзначајниот резултат –бронзата во азискиот шампионат ја освои во минатата година, а имаат бронза и сребро и од азиските игри. Безмалку сите играчи се од домашното првенство, а единствено Мусави настапува во Будимпешта и набрзо по добиеното унгарско државјанство ќе ги смени и репрезентативните бои.
Нивната игра се базира пред се на одличните физички предиспозиции и брзината што се обидуваат да ја наметнат, но недоволниот индивидуален квалитет е причина за многу технички грешки во текот на нивните натпревари. И против Босна се покажа дека кога играат под притисок на противничката одбрана лесно ја губат топката, па агресивната зона би требало да биде нашето главно оружје против Иран. Оптимизмот е присутен во редовите на нашата селекција и никој не се сомнева во втората последовна победа. Натпреварот Македонија-Иран ќе биде одигран во Ал Бин Хамад арената во Доха со почеток во 17 часот.
