Ракомет- СП Катар

Миркуловски: „Не смее да биде поинаку“

17.01.2015 14:52

„И денеска не смее да биде поинаку. Ако сакаме резултат, на секој противник треба да му пристапиме на ист начин, без оглед какво е неговото ракометно педигре“, вели Миркуловски...

Шесте гола на Филип Миркуловски беа извонредна поддршка за десетте на Кире Лазаров во стартниот триумф на Македонија против Тунис со 33-25 во првото коло на Мундијалот во Катар. Средниот бек на Металург не само што го решеташе противничкиот чувар на мрежата во клучни моменти, туку и не трошеше топки. Само еднаш Махед одбрани негов удар.

„Во првото полувреме игравме добро, но имавме некои технички проблеми, па Тунижаните лесно постигнуваа голови. Во второто полувреме ја поправивме одбраната којашто одлично го надополни нападот. Остваривме одлична победа“, „Жути“ го заврши осврнувањето на дуелот со Тунис.

„И денеска не смее да биде поинаку. Ако сакаме резултат, на секој противник треба да му пристапиме на ист начин, без оглед какво е неговото ракометно педигре“, вели Миркуловски, убеден дека Македонија може да го исполни првичниот план и да оствари две победи на воведот во Светскиот шампионат во Катар.

Преносот од средбата Македонија – Иран е денеска од 17 часот на првиот канал на МТВ, а половина час порано ќе почне емисијата посветена на шампионатот.