Зголемен број на азиланти во Европа, потребно е подобро менаџирање со бегалската криза

17.01.2015 16:21

Според експертите потребно е подобро менаџирање со бегалската криза, за што се потребни и повеќе финансиски средства од веќе одобрените 25 милиони евра за итни ситуации, и што е уште поважно да се излезе на крај со трговците на луѓе...

276.000 имигранти побараа азил во Европа изминатата 2014 година, што е за 138% зголемување во однос на претходната. Оваа статистика како и процената дека приливот на баратели на азил ќе продолжи, бара „одлучна и координирана акција на Европската Унија“-предупреди еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Димитрис Аврамопулос,  потенцирајќи ја особено новата тактика на криумчарите на бегалците да ги напуштаат бродовите, при тоа ризикувајќи го и нивниот живот.

Според експертите потребно е подобро менаџирање со бегалската криза, за што се потребни и повеќе финансиски средства од веќе одобрените 25 милиони евра за итни ситуации, и што е уште поважно да се излезе на крај со трговците на луѓе.

„Ова е многу потешко за Европската Унија, бидејќи не станува збор само за запирање на бродовите во Медитеранот, туку треба да се идентификуваат криминалните мрежите и да се разбијат“, смета Елизабет Колет, експерт за миграциска политика.

Ако се земе в предвид дека лицата одговорни за терористичките напади во Париз и Брисел потекнуваат од земјите од каде доаѓаат бегалците, Колет без дополнително да детализира не ја исклучи можноста дека под превезот на баратели на азил, терористите лесно можат да се прикријат на европското тло.

Токму затоа е потребна поголема внимателност смета, експертката за миграциска политика. Во Унијата има околу три илјади повратници- европјани од боиштата во Сирија и Ирак, од кои во Белгија околу 200.

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ