Подобрени условите за живот во неготински Тремник
Подобрени условите за живот на 1.000 жители од неготинското село Tремник. Изградбата на канализационен систем за кој се потрошени околу 13 милиони денари го реши проблемот со отпадните води. 300- те семејства сега индивидуално треба да се приклучат на канализационата мрежа…
Септичките јами во неготински Тремник заминуваат во историјата. Селото доби фекална канализација, жителите- решение на еден од најголемите проблеми.
„Многу ќе допринесе за развој на селото, чистота на селото, поубаво не може да биде.“
„Тремник ќе биде поубав, подобро ќе се живее.“
„Чистота на селото и чистота на улиците, едноставно здравје“, велат анкетираните жители на село Тремник.
1.624 метри е долга мрежата на која се изградени 40 шахти. Сега не ред се жителите, тие до крајот на оваа година треба да се приклучат на современиот канализационен систем.
„Изграден е со средства од ЕИБ обезбедени преку Министерството за транспорт, во висина од 13 милиони денари“, изјави Ванчо Апостолов, градоначалник на општина Неготино.
Реализацијата на ваквите проекти го подобруваат квалитетот за живот на населението од руралните средини. Ова е основна цел на локалната и централната власт.
„Иден проект кој ќе го реализираме заедно е водоводот во Пепелиште. Очекувам градежните работи да започнат оваа година. Ова е исто така значаен проект“, нагласи Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.
Изградбата на нови водоводни и канализациони мрежи во Македонија, се реализираат со средства обезбедени од Европската инвестициона банка.
Дијана Иванова
