Страв од раст на „швајцарецот“
Од НБРМ информираат дека само околу една четвртина од кредитите во швајцарски франци се одобрени на физички лица и се наменети за потрошувачки цели кај нас, односно се одобрени на пократок рок...

Македонските граѓани навалија на менувачниците веднаш по информацијата дека вредноста на швајцарскиот франк во однос на еврото драстично скокна. Во некои менувачници велат дека се купуваат франци за денари за да се спечали на промената на вредноста, во други пак, дека се заменуваат за евра.
Од Народната банка смируваат:
„Според НБРМ во вкупната актива и пасива на банкарскиот систем франкот учествува со 2 проценти, а 0,06 отсто од вкупните кредити се во "швајцарци", а во истата валута се само 0,6 проценти од парите на штедни книшки.“
Ова е единствената возбуда во Македонија предизвикана од јакнењето на швајцарската валута што се случи во четвртокот кога Швајцарската народна банка по три години крена раце од фиксирањето на курсот на франкот за еврото на минимално ниво од 1,2 франци за едно евро.
Само неколку часа по соопштението на Банката вредноста на "швајцарецот" скокна за 16 проценти. Ова силно ги погоди граѓаните од регионот, од Грција, Босна и Херцеговина, Србија и Грција кои користат станбени кредити во швајцарски франци, бидејќи со растот на вредноста на валутата им растат и ратите.
Сепак, од НБРМ информираат дека само околу една четвртина од кредитите во швајцарски франци се одобрени на физички лица и се наменети за потрошувачки цели кај нас, односно се одобрени на пократок рок.
Најголемиот шок, сепак го претрпеа Швајцарците. Прогнозите за раст на економијата на Швајцарија се драстично намалени, зашто се оценува дека поскапите производи и услуги ќе го намалат извозот и ќе ги избркаат туристите.
Лидија Чакар
